Денвер нагетс ги почна подготовките за новата натпреварувачка сезона во која поранешниот првак повторно ќе биде еден од фаворитите за највисок пласман.
Тренерот Мајк Мелоун не го крие воодушевувањето што повторно ќе има моќен тим на располагање, предводен од неповторливиот Никола Јокиќ.
„Тренер сум му веќе десет години, минавме толку многу работи заедно, три пати беше МВП, еднаш бевме шампиони, потпиша договори на многу пари… И после сето тоа, тој воопшто не се промени во однесувањето. Тоа е работата што најмногу ме воодушевува кај Никола, многумина би се фалеле со она што тој го има остварено, но Јокиќ остана истото скромно момче што го запознав првиот ден овде“, изјави Мелоун.
Денвер летово го доведе Расел Вестбрук како засилување за бековската линија, а нов соиграч на Јокиќ ќе биде и хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ.
„Правиме балканска група, ги имавме Јокиќ и Чанчар, сега тука е и Шариќ. Тие тројца се познаваат добро со години, сите ние го знаеме Шариќ бидејќи имаме играно многу средби против него, сега можеме да видиме каков е и како човек. Многу го почитуваме, добро прифаќа се што му се кажува од тактички аспект и веруваме дека се чувствува добро во нашиот клуб“, прокоментира стратегот на Денвер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА