Мота скромен: Фалете ги играчите, не мене… ова е менталитетот на голем клуб

Тијаго Мота не го криеше воодушевувањето по одличната игра на Јувентус и големата победа од 2-3 на гостувањето против Лајпциг. „Старата дама“ се најде во небрано кон средината на второто полувреме кога при 1-1 најпрвин беше исклучен голманот Ди Грегорио, а веднаш потоа противникот поведе од пенал, но Јувентус покажа квалитет и пред се карактер, успевајќи да се врати и да направи пресврт со играч помалку на теренот.

Влаховиќ беше незапирлив постигнувајќи два погодоци, а победничкиот гол беше вистинско ремек-дело на Консеисао, кој велемајсторски се ослободи од својот чувар пред да ја смести топката во мрежата.

„Фалете ги играчите, а не мене… ова е нивна победа, јас сум бескрајно горд од она што го видов. Мислам дека и во првото полувреме не игравме лошо, но ни недостигаше самодоверба. Го решивме тој проблем и во вториот дел се виде вистинската сила на Јуве, демонстриравме супериорност во однос на квалитетен противник. Храброста што ја покажаа моите фудбалери, начинот на кој играа со играч помалку, како тренер можете само да уживатево такво нешто, тоа е она за што зборуваме на состаноците пред натпреварите, но кога ќе го видите стопроцентно пренесено на теренот можете да бидете горди. Фудбалерите го носат дреот на овој голем клуб, а ова е тој менталитет на голем клуб, да играш со гордост и посветеност без разлика на какви пречки ќе наидеш“, изјави Мота.

Се вчитува...