Салах урна нов рекорд во Лигата на Шампионите

Мохамед Салах одигра уште еден маестрален натпревар во дресот на Ливерпул, со асистенција и погодок предводејќи ги „црвените“ до триумф од 2-0 над Болоња.

Египетскиот ас постигна маестрален гол во второто полувреме, собирајќи ја пајажината од аголот и потврдувајќи ја светската класа, воедно успевајќи да урне и нов рекорд на Лигата на Шампионите.

Имено, Салах со синоќешното издание стана најдобар африкански голгетер во историјата на ЛШ. Овој гол беше вкупно 45. за асот на Ливерпул во елитното европско натпреварување, оставајќи го зад себе Дидие Дрогба со 44, додека Самуел Ето е треторангиран на оваа листа со 30 гола во ЛШ.

Салах исто така стана прв играч во историјата на Ливерпул што постигнал голови на пет меча во низа на „Енфилд“ во ЛШ.

За потсетување, договорот на „фараонот“ со англискиот гигант истекува на крајот од сезонава, па останува да се види дали двете страни ќе најдат заеднички јазик за соработката да продолжи.

Се вчитува...