Италијанскиот фудбалски клуб Јувентус ја потврди тешката повреда на својот играч, 27-годишниот Бразилец Бремер, кој ќе мора да оди на операција на коленото.
Бремер се повреди на натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите во средата вечерта, кога Јувентус го победи Лајпциг со 3-2 на гостински терен. На самиот почеток од мечот повреда дојде до најдобриот одбранбен играч на Јувентус, кој ја напушти играта во шестата минута.
Ден подоцна беше направена магнетна резонанца која покажа тешко оштетување на вкрстените лигаменти на левото колено, а Бремер го повреди и менискусот. На Бразилецот ќе му биде извршена операција, а од торинскиот клуб официјално не соопштуваат колку време ќе треба да игра без важен играч на ударниот тим. Дел од италијанските медиуми наведуваат дека лесно е можно Бремер да не игра повторно оваа сезона.
Бремер дојде во Јувентус во 2022 година од градскиот ривал Торино, а во текот на кариерата одигра и пет натпревари за бразилската репрезентација. Јувентус моментално е втор во италијанската Серија А, а Лигата на шампионите ја отвори со две победи, 3-1 против ПСВ и 3-2 кај Лајпциг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА