Едни од најдобрите македонски кошаркарки, сестрите Габриела и Климентина Модеви се вистински репрезентки на македонската женска кошарка во САД.
Нескриениот кошаркарски талент во комбинација со исклучителното образование ги смести во колеџ-кошарката на САД, каде се незаменлив дел од своите универзитети, претставувајќи нескриен пример за секој македонски спортист за достижноста на успехот ако силно се верува во своите желби и амбиции.
21-годишната Габриела Модева по завршувањето на Средното училиште „Викторија центар“ во САД, изминативе две години е дел од Девенпорт Универзитетот во Гранд Рапидс, Мичиген, каде со полна стипендија од Универзитетот студира информатички науки. Паралелно со студиите е дел и од женскиот кошаркарски тим на Универзитетот.
„За мене е вистинска гордост што можам да ја претставувам Македонија во колеџ-кошарката во САД, како еден вид мост можеби и до женската НБА лига во иднина. Амбициите ме водат кон нови цели и на планот на студирањето, но и на спортски план. Вербата во својот сон е единствениот вистински пат до успехот“ – вели Габриела.
19-годишната Климентина, пак, е незаменлив дел од тимот на Вотерфорд колеџот во Тексас. Македонската кошаркарка, која студира на Институтот за Сајбер безбедност на Универзитетот Вотерфорд, е највисоката кошарка во историјата на овој колеџ. Плени со своите 205 сантиметри реализирајќи навистина крупен чекор со настапите во колеџ-лигата на САД.
„Климентина е највисоката кошаркарка во нашата конференција. Но, наспроти спортските квалитети, таа вистински плени како личност, извонреден студент и позитивен карактер кој е во одличен однос буквално со сите во тимот“ – вели тренерот на Вотерфорд колеџот, Боб МекКинли, кој пет децении работи како тренер на женскиот кошаркарски тим.
Во интервју за највлијателната американска интернет-страница која ја следи женската кошарка во САД, Климентина се потсетува на своите кошаркарски почетоци.
„На мои 14 години имав најголем раст, со повеќе од 15 сантиметри во една година. Тогаш беше јасно дека кошарката ќе биде моја определба. Напорната работа ме однесе до портите на македонските младински репрезентации, а сега сум дел од американската кошарка што е остварување и на мојот сон на некој начин“ – истакнува Климентина и дополнува:
„Многу ми се допаѓаат Тексас и Вотерфорд универзитетот, иако мора да признаам дека ми недостасуваат семејството и моите пријатели. Но, навистина ја сакам кошарката и начинот на кој се игра овде во САД. Верувам дека со напорна работа ќе му помогнам на тимот да ги реализира своите цели“.
И Габриела и Климентина Модеви ги минаа сите категории во националните селекции од најмала возраст. Сега се дел и од женската репрезентација на Македонија, но поради далечината и обврските во САД не секогаш може да се стават на располагање на националниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА