Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји денеска ги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, натпреварувачки дух и многу ведри и задоволни лица. Ваква беше сликата на стартот на јубилејното 20-то издание на Виз Ер Скопски маратон.
Трките започнаа точно во 8 часот пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон се упатија накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што се вратија назад во центарот на градот, каде продолжија покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада. Потоа се упатија лево по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, каде полукружно се вратија на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански се вратија на Трета македонска бригада и финишираа на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје.
Учесниците на 5 километри својата трка ја започнаа пред Собранието, по што се упатија во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат лево, по „Трета македонска бригада“ и откако свртеа полукружно кај Супермаркетот Тинекс, по истата траса се вратија назад до целта, на плоштадот „Македонија“.
Во генерален пласман, победник во машка конкуренција на годинешниот Виз Ер Скопски маратон е Хилари Чемвено од Кенија, пред сонародникот Даниел Кипротич и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски. Во женска конкуренција, во генерален пласман, прва на целта стигна Ирин Џеруто од Кенија пред нашата Адријана Поп Арсова и Вивиен Џелагат исто така од Кенија.
Според резултатите, во конкуренција на македонските тркачи во маратонската трка, први се Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова како најбрзи Македонци на годинешната спортска манифестација, која ги разбуди скопските улици.
Во машка конкуренција кај македонските атлетичари победник на полумаратонот годинава е Иван Пешевски со време од 01:12:58, на второ место Александар Арсов со време од 01:13:49, додека трет заврши Илија Кироски со време од 01:15:27. Победничка во женска конкуренција кај македонските натпреварувачки на полумаратонот е Милјана Ристиќ со време од 01:22:55, второто место и припадна на Фросина Михајловска со време од 01:31:23, додека како третопласирана заврши Теа Божиновска со време од 01:33:44.
Победник во најкратката трка на 5 километри, беше Гилман Јунузи со време од 00:15:45 во машка конкуренција, втор заврши Григоријан Никовски со време 00:15:54, а третопласиран беше Бојан Чаприќ со постигнат резултат од 00:16:16. Во трката на 5 километри кај дамите, прва низ целта мина Ирма Хајдари со време 00:18:31, а место на пиедесталот имаше и за Дарија Крстевска (00:19:38) и Христина Секулоска (00:20:37).
Голема помош во организацијата на годинешниот маратон пружија и вкупно 600 пријавени волонтери, кои им поделија 25 тони вода и 2 тони овошје на учесниците, како и 54.000 безопасни игли за прицврстување на натпреварувачките бројчиња. На секои 900 метри беше поставен освежителен пункт со различно освежување за тркачите, а забавниот дел на манифестацијата беше збогатен и со 10 музички точки.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците и учесниците, кои оваа година учествуваа на најмасовната спортска манифестација во Македонија, им се заблагодарија на сите волонтери за вложенениот труд и спортскиот дух, кој што секоја година го краси овој настан.
„Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часови. Им честитам на победниците на трките, како и на сите, кои учествуваа и покажаа дека се грижат за своето здравје преку физичка активност. Благодарност до волонтерите, кои со својот труд придонесоа јубилејниот 20. Виз Ер Скопски маратон да биде одлично организиран и да помине во најдобар можен ред“ – изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон.
Главен покровител на 20. Јубилејно издание на Виз Ер Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА