По две години пауза од европските натпреварувања, двократниот европски шампион Вардар се враќа на интернационалната сцена со настап во Лига Европа. Во првиот меч од групната фаза „црвено-црните“ ги очекува натпревар против исладнски Валур кој ќе се игра вечерва со почеток од 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Тренерот на „црвено-црните“ Владо Недановски, верува во победа на својот тим.
„Мило ми е шо се враќаме на европска сцена и конечно ќе гледаме Лига Европа во СЦ „Јане Сандански“. Се надевам дека еден ден ќе гледаме пак Лига на Шампиони. Се работи за една млада и добра екипа која преферира брз и модерен ракомет. Треба добро да се подготвиме за овој меч бидејќи минатата сезона покажаа дека се квалитетни освојувајќи го третото по ранг натпреварување. Фаворитската улога ја преземаме ние бидејќи играме дома и мислам дека ќе ја оправдаме фаворитската улога“, изјави Недановски.
Слично размислува и пикерот, Милан Лазаревски…
„По две години пауза присутни сме на европската сцена. Поволна група за нас во ова натпреварување. Овој прв меч ќе има посебно значење бидејќи противникот ни е по мерка. Брзината и транзицијата им се главно оружје. Сметам дека ние сме фаворити и имаме одлична позиција со победа да ја отвориме новата сезона“, вели Лазаревски.
Вардарци ќе бидат ослабени за овој меч со неиграњето на Дмитро Хориха кој ја скинал тетивата на шутерската рака, како и со неиграњето на Пинто.
„Имаме проблеми со повредени играчи. Пинто е повреден некое време и го немаме на располагање, а исто така останавме и без Хориха кој има скината тетива на шутерската рака и мораше да оди на операција, така што одредено време ќе бидеме и без него“, изјави Недановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА