Манчестер Сити ќе го „краде“ творецот на Спортинг Лисабон

„Како гром од ведро небо“ вчера пристигна веста дека актуелниот спортски директор на Манчестер Сити, Шпанецот Чики Бегиристаин го напушта тимот на „граѓаните“ после 13 години. Бегиристаин си заминува од клубот на крајот од сезоната, а ќе остане запаметен како креатор на најсилниот тим на граѓаните во историјата, кој во 2023 година ја освои Лигата на шампионите.

Некои информации зборуваат дека Шпанецот ќе оди во пензија, а другата верзија од приказната е дека го напушта тимот поради истрагата која се води против екипата во 115-те точки.

Манчестер Сити веднаш тргна во потрага по негова замена. Прв пик е актуелниот спортски директор на Спортинг Лисабон, Хуго Виана. Виана работи одлична работа во тимот од Лисабон, откако ги донесе Ѓокереш, Диоманде, Хјулманд и уште неколку играчи кои сега се на цена во португалскиот тим.

Виана како играч има искуство со играње во Премиерлигата. Од 2002 до 2006 година го носеше дресот на Њукасл, а беше дел од Спортинг, Валенсија, Осасуна, Брага, како и Ал-Ахли и Ал-Васл. Беше и репрезентативец на Португалија. Играчката кариера ја заврши во 2016 година и се пушти во директорски води. Беше најпрво директор во Белененсес, а од 2018 година е дел од раководството на Спортинг.

Се вчитува...