Без Чурлинов и Трајковски, нападот и против Летонците оној од дуелот со Ерменија во Скопје

Македонската репрезентација утре од 18 часот на стадионот на Сконто во Рига ја очекува третиот натпревар од Лигата на нациите, водена од желбата за зачувување на лидерската позиција во групата и по октомврискиот циклус.

Нешто слично како и на септемврискиот собир, селекторот Боби Милевски и овој пат се соочува со најголемите проблеми во офанзивната линија по отсуствата на Дарко Чурлинов и Александар Трајковски.

Чурлинов, кој претходно беше, без сомнение, и во комбинација за стартер на натпреварот, по повредата изминатиов викенд отпадна за престојните два натпревари во Лигата на нациите, па се очекува нападот со кој утре ќе се стартува против Летонците да биде еднаков на оној кој одигра против Ерменија во Скопје.

Бојан Миовски се очекува да биде најистурениот македонски напаѓач, со поддршка од крилните позиции од Елиф Елмас и Лирим Ќамили, кој го замени Чурлинов од самиот старт, по повредата во раната фаза од мечот против Ерменците во Скопје. Од офанзивците на располагање, Милевски ги има уште и Милан Ристовски и Марио Илиевски, но и Димитар Митровски кој беше стартер на првиот натпревар против Фарските острови на деснокрилната позиција.

„Без разлика што се соочуваме со фактот кој нескриено не оптоварува со скромната минутажа на поголемиот дел од репрезентативците во своите клубови, јас силно верувам во овие момци кои со својот однос кога е во прашање националниот дрес секогаш потврдуваат дека повеќе од заслужено се во репрезентацијата. Тоа што сите до еден ги краси е максимумот на терен, без разлика како и дали психолошки влијае на нив ситуацијата во клубовите. Напротив, во националниот тим носат секогаш дополнителен мотив за секој нов натпревар. Затоа знам дека и во Рига ќе бидат на нивото кое од нив го очекува секој искрен македонски вљубеник во фудбалот“ – вели селекторот Боби Милевски.

Македонската репрезентација денеска од 17:30 часот ќе го одработи и официјалниот тренинг пред утрешниот дуел, на кој стручниот штаб и дефинитивно ќе го определи почетниот тим за пресметката со Летонците.

НАТПРЕВАРОТ СЕ ИГРА НА СТАДИОНОТ НА СКОНТО

Натпреварот од Лигата на нациите меѓу Летонија и Македонија се игра на стадионот на Сконто во центарот на Рига.

Стадионот е изграден во 2000 година и е со капацитет од 8.100 седишта. Домаќините не очекуваат комплетно исполнување на стадионот, но веруваат силна поддршка за својата репрезентација која исто така е со амбиции за бодови од пресметката со Македонија.

Се вчитува...