Каде по Јуве: Погба за првпат во кариерата ќе заигра во Франција

Пол Погба ќе ја продолжи фудбалската кариера откако казната за позитивниот допинг-тест од четири години му беше намалена само на 18 месеци. Ова практично значи дека поранешниот ас на Манчестер Јунајтед веќе во март ќе може да се врати на терените, но тоа нема да биде во Јувентус откако „старата дама“ веќе почна разговори за предвремен раскин на договорот.

Позитивниот допинг-тест на Погба е доволна причина за раскин на соработката на штета на фудбалерот, а челниците на Јуве се подготвени да го искористат тоа, во текот на овој месец да го раскинат договорот со Погба и да отворат дополнителен простор во буџетот во пресрет на јануарскиот преоден рок.

Искусниот плејмејкер во март ќе наполни 32 години, а Погба веќе размислува и за следниот чекор во кариерата. Тој одбил неколку понуди од Саудиска Арабија бидејќи желба му е да остане во Европа, а огромни се шансите големиот ас за првпат во кариерата да заигра и во татковината. Олимпик Марсеј е клубот што покажува најконкретен интерес за овој играч, веќе стапувајќи во контакт и со Погба и со неговиот агент.

Двете страни ги оценуваат првите преговори како крајно позитивни, па големи се шансите Погба веднаш по раскинувањето со Јувентус да потпише договор на 18 месеци со клубот од „Велодром“. Истиот би бил валиден од 1 јануари 2015, кога Погба според изречената казна ќе може да почне да тренира со својот клуб, за во март да има и зелено место за настап во новата екипа.

Се вчитува...