Министерот Ристовски за првите 100 дена: Тргнавме од „минус два“, се трошеле милиони државни пари без резултати

Подобрување на спортската инфраструктура, обезбедување финансиска поддршка за спортот и поттикнување на младите да се занимаваат со спорт беа во фокусот на новото Министерство за спорт во првите 100 дена, посочи министерот за спорт Борко Ристовски на денешната прес конференција на која презентираше што е сработено во првите 100 дена и што следува како дел од идните планови.

„Македонија по цели 20 години доби Министерство за спорт  и тоа е првиот и би рекол, огромен чекор што го направивме за спортот да го добие местото и вниманието што го заслужува. И токму затоа сакам да потенцирам дека овој период е од особено значење за развој на спортот во нашата земја и за создавање на подобри услови за нашите спортисти. Во овие 100 дена активно работевме на унапредување на спортската инфраструктура, обезбедување поддршка на спортистите и промоција на физичката активност, но и на ревизија и санација на состојбите што ги затекнавме“ – истакна Ристовски.

Министерот се осврна на состојбата во спортот што ја затекна по неговото назначување за прв човек во новото Министерство за спорт.

„Како ново Министерство за спорт според она што го затекнавме во македонскиот спорт, фигуративно кажано, не почнуваме од нула, туку тргнуваме од минус два. Затекнавме нефункционални институции со покренати обвиненија за корупција. Затекнавме нетранспарентни постапки, лоши критериуми и потрошени милиони државни пари без конкретни резултати. Затекнавме руинирани спортски сали, почнати и недовршени проекти, објекти во кои не постојат н елементарни услови за изведување на било какви спортски активности, објекти кои биле дадени под концесија, но спортот наместо добивка, од нив има само штета. Извршивме инспекција на повеќе спортски објекти кои токму поради ваквите пропусти не се во функција, некои делумно, некои и целосно. Како пример ќе ги наведам салата „Тутунски комбинат“ во Прилеп за која сме во фаза  на решавање на проблемот, потоа салата „Младост“ во Неготино за која во најкус рок ќе покренеме и кривична пријава за поранешен директор во Агенцијата за млади и спорт, салата „Партизан“ во Чаир која е целосно запуштена и руинирана “, рече Ристовски.

Темелната реконструкција на спортска инфраструктура е основа за нормалното функционирање на спорт и за спортските резултати. За таа намена до крајот на годината од Министерството за спорт се обезбеди 35 милиони денари.

„Со овие средства ќе бидат реализирани осум поголеми проекти – санација ни реконструкција на слата „Расадник“ во Скопје, санација на спортската сала во Радовиш, санација на спортската сала во општина Ново Село, санација на фудбалското игралиште на ФК Тетекс во Тетово, изградба на атлетска патека во Гевгелија, санација на 15-20 мултифункционални игралишта, санација на детски игралишта со поставување на спортска опрема и изградба на спортската сала во Воената академија во Скопје. За сите овие проекти веќе е објавен конкурс и тендерските постапки се во тек“.

Покрај подобрување на инфраструктурата, министерот Ристовски истакна дека во првите 100 дена од Министерството за спорт акцент е ставен и на финансиската поддршка за спортистите.

„Со ребалансот на буџетот обезбедивме значителна финансиска поддршка за спортистите, клубовите и за националните спортски федерации. Оваа помош е клучна за да се обезбеди континуитет воактивностите иза подготовка на нашите спортисти за учество на меѓународни натпревари. За поддршка на врвниот спорт и врвните поединци обезбедивме и исплативме 83 милиони денари на клубовите и федерациите кои имаат меѓународни настапи“, – истакна Ристовски.

Министерот соопшти и дека се обезбедени 550 милиони денари за исплата на државните субвенции во спортот, средства кои од претходната власт беа ветени за т.н.ваучери, но кои воопшто не беа буџетирани, односно, не било планирано да бидат исплатени.

„Важно е да нагласам дека овие средства ќе бидат доделени на транспарентен начин, со јасно дефинирани критериуми и процедури, за да осигураме дека поддршката од државата стигнува до оние федерации, клубови и поединци кои навистина ја заслужуваат“ –додаде министерот Ристовски.

Тој соопшти и дека до крајот на годината за македонскиот спорт ќе бидат поделени и дополнителни 85 милиони денари кои ќе бидат наменети за развој на женскиот спорт, за индивидуални спортисти и нивните програми и за рекреативниот спорт.

Во делот на активостите за поддршка на масовниот спорт и вклучување на што поголем број млади во спортот, министерот Ристовски истакна дека Министерството за спорт се вклучи активно во финансирање и покровителство на Охридскиот пливачки маратон, Европската недела на спортот, а од оваа година е и генерален покровител на Скопскиот атлетски маратон.

“Сите наши иницијативи, вклучувајќи ја и распределбата на државната помош за спортот и поддршката за националните спортски федерации ќе бидат спроведени со целосна транспарентност. Ние веруваме дека отвореноста во управувањето со спортските ресурси е клучна за враќање на довербата во системот и за осигурување дека помошта стигнува таму каде што има потреба“ – рече министерот Ристовски посочувајќи дека овие 100 дена се само почеток на мисијата за унапредување на спортот во Македонија и промовирајќи го мотото – ТРАНСПАРЕНТНОСТ, ЕТИКА, ИНТЕГРИТЕТ!

Се вчитува...