ЕКИПА во Рига, Летонија
Владимир Булатовиќ
Капитенот на националниот тим, Енис Барди оптимистички е расположен пред утрешниот натпревар со Летонија во Лигата на нациите, верувајќи дека Македонија може да дојде до триумф со кој ќе ја задржи лидерската позиција во групата пред следното гостување во Ерменија.
Енис Барди беше стрелец во последната победа на Македонија над Летонија од 0-2 во квалификациите за ЕП 2020, токуму во Рига. Сега верува дека колективот ќе не однесе до нова победа во групата.
„Одговорноста е кај секој од нас за овие натпревари, иако секако многумина очекуваат од мене да го понесам тимот. Подготвен сум како и секогаш да бидам во функција на тимот. Но, ние сме колектив а не поединци и така ќе се однесуваме и утре атакувајќи на трите бода против Летонија“ – истакна Барди на прес-конференцијата во Рига.
Капитенот знае дека македонската јавност очекува победа од ваквите натпревари, но знае и дека за никого во репрезентацијата тоа не значи некаков притисок туку пред се восхит затоа што на тој начин јавноста покажува дека верува во нив.
„Како што кажа и селекторот, да, ние сакаме да носиме притисок кога играме за репрезентацијата затоа што на тој начин покажуваме дека ни значат игрите за својата земја. И тоа не е притисок туку мотив да го дадеме најдоброто од себе“ – вели Енис Барди.
Натпреварот меѓу Летонија и Македонија во 3. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нациите се игра утре со почеток од 18 часот на стадионот „Сконто“ во Рига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА