ЕКИПА во Рига, Летонија
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација денеска од 18 часот на „Сконто арена“ во Рига против Летонија ја очекува можеби еден од клучните натпревари во битката за првата позиција на табелата во Групата 4 која води во повисок ранг на натпреварување во Лигата на нациите.
Јасна е желбата на секој поединец во националниот табор за триумф против Летонците, иако јасен е и фактот дека, без апсолутно никакво потценување, мора да се пријде со максимален пристап на дуелот како би се дошло до посакуваната цел.
„Како и секој противник и Летонија максимално ја почитуваме затоа што ако немате респект кон противникот не можете да го дадете најдоброто во насока на сопствената презентација на терен. Но, нашиот фокус единствено е како ние ќе изгледаме и функционираме, и ништо друго. И претходно кажав дека само ние ќе се прашуваме низ овие квалификации за првото место во групата. Македонија која јас ја замислувам секогаш ќе оди на победа, така било и така ќе биде. Овие момци ја заслужуваат сета наша почит затоа што, без разлика каква е нивната ситуација во клубовите, секогаш даваат повеќе од максимум кога е во прашање националниот тим“ – вели селекторот Милевски.
Македонија ќе биде ослабена со неиграњето на четворица стандардни првотимци, но македонскиот предводник, силно верувајќи во секој поединец од својот тим, знае дека секој кој ќе добие шанса еднакво мамксимално ќе одговори на дадениот предизвик.
„Секако ќе ни недостасуваат Чурлинов и Трајковски поради повреди, како и Зајков и Серафимов поради жолти картони, што ни задава проблеми околу креирање на составот. Но, знам дека сите оние ќе се најдат утре на теренот ќе го дадат максмумот како и секогаш во репрезентативниот дрес. Тоа го покажале и докажале многупати претходно“ – дополнува Боби Милевски.
Еднакво е размислувањето и на капитенот Енис Барди кој верува дека колективот ќе не однесе до нова победа во групата.
„Одговорноста е кај секој од нас за овие натпревари, иако секако многумина очекуваат од мене да го понесам тимот. Подготвен сум како и секогаш да бидам во функција на тимот. Но, ние сме колектив а не поединци и така ќе се однесуваме и сега атакувајќи на трите бода против Летонија. Воопшто не стравуваме од притисокот кој се создава при настапите на репрезентацијата. Знаеме дека очекувањата од јавноста се секогаш високи. Ние и сакаме да носиме притисок кога играме за репрезентацијата затоа што на тој начин покажуваме дека ни значат игрите за својата земја. И тоа не е притисок туку мотив да го дадеме најдоброто од себе“ – вели Барди.
Натпреварот меѓу Летонија и Македонија во 3. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нациите се игра утре со почеток од 18 часот на стадионот „Сконто“ во Рига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА