Шок за Сити: Гвардиола си оди заедно со Бегиристаин, новиот директор носи и нов тренер

Манчестер Сити го очекуваат коренити промени по завршувањето од сезонава, директорот Чики Бегиристаин веќе објави дека ќе го напушти англискиот шампион, а според последните информации неговите стапки ќе ги следи и Пеп Гвардиола. Договорот што каталонскиот стратег го има со „граѓаните“ истекува во јуни 2025 година, преговорите за продолжување се стопирани на барање на тренерот, за кого е се поизвесно дека нема да остане на „Етихаф“по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона.

Гвардиола освои се што можеше да се освои како предводник на Сити, а во ситуација кога ќе дојде нов директор на чело на клубот тој смета дека е идеален тајмингот за и самиот да си замине од Манчестер. Пеп има на маса понуда да стане нов селектор на Англија, што според многумина ќе му биде приоритет доколку се реализираат најавување за напуштање на Манчестер Сити.

Наследник на Бегиристаин во Манчестер Сити би требало да биде поранешниот португалски репрезентативец Хуго Виана, кој моментно ја извршува функцијата спортски директор во Спортинг Лисабон.

Португалецот е подготвен да го прифати големиот предизвик во Сити, а со себе би го донел и тренерот Рубен Аморим, со кого има беспрекорна соработка во Спортинг. Двајцата создадоа моќна машинерија во Лисабон, Виана има огромна доверба во Аморим и нема дилема дека овој стручњак ќе биде „пик број 1“ на Сити доколку Гвардиола го напушти клубот.

Аморим летово беше поврзуван со Ливерпул пред клубот да го избере Арне Слот, во меѓувреме тој го одби Вест Хем, но јасно е дека доколку пристигне конкретна понуда од Манчестер Сити, згора на тоа со Хуго Виана како директор, тоа ќе биде невозможно да се одбие од страна на овој супер-перспективен стручњак.

Се вчитува...