Според посакувањата: Македонија има водство на полувремето во Рига (ВИДЕО)

ЕКИПА во Рига, Летонија

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација, согласно посакувањата, има предност од 0-1 уште по првото полувреме на гостувањето против Летонија во 3. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нациите.На дуелот на „Сконто арената“ во Рига, Македонија сосема заслужено дојде до предност со голот на Јани Атанасов во 35. минута од средбата.

Уште во 4. минута првата можност за Македонија, од дегажманот на Столе Димитриевски во обидот да го проигра Бојан Миовски во нападот. Но, топката незгодно отскокна пред домашниот голман кој со крајни напори од под гредата исфрли во корнер.

Во 24. минута Јани Атанасов се обиде со шут од 25 метри, но над голот на Летонците, откако претходно домашната одбрана го блокираше шутот и на Џани Алиоски.

Веќе во 26. минута извонреден шут и на Енис Барди од 20 метри, но сантиметри на гредата од домашниот гол. Убава можност и во 29. минута кога Миовски продре по десната страна, но Барди беше прекраток а на одбиената топка натрча Атанасов но голманот на Летонија одбрани.

И, конечно во 35. минута потклекна одбраната на Летонците. Одлична акција на Елиф Елмас по средината од шеснаесетникот, мајсторски го проигра Миовски кој извонредно прими и проигра на прва статива каде натрча Јани Атанасов за водство од 0-1.

Во финишот на првиот дел, непотребно им дозволивме да креираат шанси па имаа можност и за израмнување, но Столе Димитриевски одлично одбрани.

Ц-ЛИГА НА НАЦИИ – ГРУПА 4 (3. коло)
ЛЕТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА (прво полувреме: 0-1)
Стадион Сконто, Рига. Гледачи: 5.000. Главен судија: Јакоб Сундберг (Данска). Помошници: Јурдакул и Ските (Данска). Стрелци: Атанасов 35′
ЛЕТОНИЈА: Матревич, Јурковскис, Балодис, Тоберс, Јагодинскис, Циганикс, Ј. Икауниекс, Савелјевс, Варславанс, Зеленковс, Гутковскис (17′ Шитс)
Селектор: Паоло Николато
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ашковски, Муслиу, Манев, Алиоски, Алими, Атанасов, Барди, Бабунски, Елмас, Миовски
Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...