ЕКИПА во Рига, Летонија
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Боби Милевски, на новинарско прашање на прес-конференцијата во Рига, го анализираше и настапот на Елиф Елмас кој на вистински начин се врати онаков каков што го знаеме и посакуваме во националниот дрес.
Милевски потенцираше дека Елмас е наше фудбалско богатство кое сите ние мора конечно да знаеме да го почитуваме.
„Елиф Елмас е наше богатство кои сите треба да знаеме како треба да го негуваме. Мора сите ние да дадеме максимална почит за него, и за се што направи, прави и ќе направи за оваа репрезентација. Уште како младинец не ретко играше во исто време и за селекцијата до 19 години, и за младата и за сениорската селекција. И секогаш е максимално мотивиран кога игра за Македонија. Без разлика во каква ситуација бил и на клупски план никогаш не кажал НЕ за Македонија“ – рече Милевски и дополни:
„Затоа мора секој од нас да даде максимална почит за него, а посебно оние лица кои не му мислат добро на македонскиот фудбал и секогаш користат и најмала шанса за притисок и критика кон него, а само како би наштетиле на македонската репрезентација“.
Милевски не го криеше задоволството и од изданието на Лирим Ќамили кој го постигна дебитанскиот гол за националниот тим.
„Лирим Ќамили исто така покажа зошто сметаме на него во оваа репрезентација. Покажа колку трпеливо работи секогаш кога доаѓа тука и постојано напредува од меч на меч. Денеска беше расположен да одговори на секоја позиција на која ни беше неопходен“ – вели Милевски.
Македонскиот селектор потенираше колку секој во националниот тим дава се од себе кога игра за Македонија.
„И, Дарко Велковски се стави во функција на тимот иако не беше планиран. Да не потенцирам пак, за Столе Димитриевски, Миовски, Атанасов, Милан Ристовски, Барди, Костадинов и сите останати кои подолго се со нас. И Исник Алими станува важен дел од нашиот тим. Секоја чест и за него. Ете, тој покасно се приклучи на оваа репрезентација но веќе се адаптира на вистински начин и станува важен дел од овој тим“ – истакна Милевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА