Антиќ на состанок во Милано, по зелено светло за Нено за мечот со Литванија

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ, заедно со генералниот секретар Владимир Георгиевски, спортскиот директор Марјан Србиновски и селекторот на машката сениорска репрезентација, Александар Јончевски, деновиве престојуваат во Милано каде што вечерва ќе го следат „во живо“ дуелот меѓу Олимпија и Париз, во рамките на второто коло од Евролигата.

Тоа ќе биде директен дуел на македонските репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс што е и главната причина за присуството на раководниот тим на нашата федерација во „градот на модата“.

На прес-конференцијата, одржана пред две недели, претседатеAлот Антиќ најави дека ќе биде во Милано за да разговара со раководството и стручниот штаб на Олимпија околу можноста Ненад Димитријевиќ да настапи на претстојните квалификациски дуели против Литванија, во ноември.

Воедно, ова е можност да се зборува и со Шортс, како и со стручниот штаб на Париз, за идните планови, но и обврски на нашиот репрезентативец, кој оваа сезона, исто како и Димитријевиќ, за прв пат игра во најсилното европско клупско натпреварување.

Се вчитува...