Ова го има само во Англија: Нотингем казнет со 750.000 фунти за критикување на судијата

Фудбалската Асоцијација на Англија одлучи драконски да го казни Нотингем Форест со неверојатни 750.000 фунти, и тоа за неверојатна причина – навреди упатени преку клупските профили на социјалните мрежи кон судијата Стјуарт Алтвел.

Станува збор за случка по дуелот Евертон – Нотингем што „шумарите“ ја загубија со 2-0, но веднаш по натпреварот гласно протестираа поради трите спорни ситуации по кои Ешли Јанг направи прекршоци за пенал (два фаула и едно играње со рака), при што Алтвел како ВАР-судија на тој меч ниту еднаш не го повика главниот арбитар Ентони Тејлор.

Во соопштението тие тврдеа дека се шокирани што ФА воопшто дозволила Алтвел да биде судија на нивни натпревар, ако се знае дека тој е прокламиран фан на Лутон, тим што беше директен ривал на Нотингем во борбата за опстанок.

Веднаш беше покрената истрага против Форест што траеше со месеци, за денеска да биде објавена историски највисоката казна за ваков престап, во висина од неверојатни 750.000 фунти, меѓу другото и поради јасен доказ дека клубот не жали за сторениот престап.

Челниците на Нотингем Форест експресно најавија жалба на ваквата одлука, оценувајќи ја казната како крајно непропорционална на престапот.

Се вчитува...