Со денешните дуели во Струга и во Охрид официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во Втората кошаркарска лига на Македонија.
Желбата на дел од клубовите со посериозни амбиции дефинитивно е влез во елитата, но според активностите во текот на летото и ангажираните засилувања главен фаворит за промоција во Првата лига е тимот на Маџари. Оваа екипа лани стигна до полуфиналето каде во мајсторка беше поразена од Шкуп, но во текот на летово донесе неколку квалитетни засилувања како Даниел Нацевски, Милорад Миновски, Војче Лефкоски, Блажо Митков, Алек Петковски, Давид Трпески… а за нов тренер беше доведен Миодраг Тодоровиќ, кој од стручниот штаб на МЗТ Скопје му се приклучи на Маџари за атак на првото место.
Маџари во првото коло гостува на Охрид, доскорешниот прволигаш кој и покрај промените во играчкиот кадар не крие дека посакува експресен камбек во елитата, па овој дуел би можел да даде и јасна слика за можностите и потенцијалот на двата тима на стартот од сезонава.
Повратници во оваа конкуренција се кошаркарите на Црн Дрим, ново име е уште една скопска екипа – Бутел. За очекување е во битката за плеј-офот, стандардно, со години наназад, да се борат и велешки Борец баскет, односно штипски Соколи 1933, што дава уште поголема неивесност. Не само во оној регуларен дел од првенството, туку и во доигрувањето преку кое ќе се бараат двете екипи кои ќе се стекнат со прволигашки „мандат“.
Првенствената трка ќе стартува овој викенд, а регуларниот дел ќе се игра до 13. април, 2025 година. Календарот вели дека нокаут фазата од Втората лига ќе почне на 19. април, полуфиналето ќе се игра на 3, 7 и 10, односно 11. мај, а финалниот турнир на кој ќе бидат промовирани и новите прволигаши, ќе биде на 17. и 18. мај 2025 година.
ДВОЈКИ 1. КОЛО
12. ОКТОМВРИ (САБОТА)
16.00: Црн Дрим – Партизан Водно санс
16.00: Охрид – Маџари
19.00: Бутел – Соколи 1933
13. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)
14.30: Борец баскет – Ангели
19.00: Мега баскет – Академија ФМП
14. ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
18.15: Работнички 2018 – МЗТ Скопје Уни банка
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА