Пелистер продолжуваат во натпреварувачки ритам, па денеска на домашен терен (18.30 часот, сала „Боро Чурлевски“) ќе го пречекаат составот на МЗТ Скопје.
Станува збор за дуел на две екипи што создадоа сериозно ривалство во изминатите години (последните три години во финалето од плејофот се среќаваа токму МЗТ и Пелистер), а желба на сите во зелено-белиот табор е со триумф на денешниот дуел да се потврдат високите амбиции за новата сезона.
„Подготвени сме да одговориме на предизвикот на овој натпревар. МЗТ е одлична екипа која многу добро знае што сака во својата кошарка, има јасно дефинирани принципи и ние ќе мораме да одговориме со дисциплинирана игра. Мора да се има сериозен фокус и концентрација во текот на сите 40 минути ако сакаме да дојдеме до посакуваната цел“, вели Александар Костоски за официјалната веб-страница на битолскиот клуб.
Пелистер пред петнаесетина дена загуби од истиот ривал во Супер-купот на Македонија, но Костоски е убеден дека овојпат неговиот тим ќе се покаже во далеку подобро светло.
„Мислам дека ова ќе биде сосема поинаков меч од Супер-купот, иако и таму имавме многу добри моменти, пред се во првото полувреме.Во меѓувреме одигравме два добри натпревари, ги совладавме Широки и Тиквеш и ќе имаме уште поголема самодоверба. Покрај тоа, играме на домашен терен, пред наша публика и сигурно дека ќе влеземе со огромна желба, енергија и мотивација за да стигнеме до важна победа кога е во прашање домашното првенство. Сигурно дека дуелите на овие две екипи се најквалитетни во нашето првенство неколку години наназад, затоа ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број, да ни дадат поддршка и да уживаат во уште еден добар меч“, истакнува одличниот плејмејкер од таборот на КК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА