Ал Хилал не се откажува: Офанзива по Винисиус како замена за Нејмар

Ал Хилал доминантно ја почна и новата сезона во Саудиска Арабија, но актуелниот првак веќе ги планира потезите за преодниот рок за наредното лето, кога управата на овој клуб ќе тргне во целосна офанзива по Винисиус. Нејмар се покажа како огромно промашување, Бразилецот се уште се опоравува од тешката повреда на коленото, веќе е јасно дека Ал Хилал нема да го продолжи договорот што истекува следното лето, туку планот е на негово место да биде доведен токму Винисиус.

Бразилскиот офанзивец и минатото лето беше поврзуван со преселба во Ал Хилал, се споменуваше вкупна сума од една милијарда долари, но трансферот не се реализираше, а Винисиус реши да остане во Мадрид. Бразилецот сега е главен фаворит за добивање на „Златната топка“ што дополнително ќе ја крене неговата цена на пазарот.

Тој има договор со Реал до 2027 година, клаузулата е во висина на една милијарда евра, но челниците на Ал Хилал се убедени дека 300 милиони евра ќе бидат доволни за да се убеди Флорентино Перез да го продаде овој фудбалер. Притоа, шампионот на Саудиска Арабија има подготвено петгодишен договор за самиот фудбалер за загарантирана плата од 140 милиони долари, плус бонуси, доволна причина за Винисиус добро да размисли дали да остане на „Бернабеу“ заради слава, или да тргне по парите во Саудиска Арабија.

Се вчитува...