ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ
Чуварот на мрежата на македонската репрезентација, Столе Димитриевски имаше одличен натпревар во гостинската победа од 0-3 против Летонија. Сега, како што вели, максимално подготвен заедно со соиграчите сака да се повтори изданието од Рига.
Голманот на шпанска Валенсија посакува нека биде и минимална победа, па Македонија да го осигура, на две кола пред крајот, првото место во групата.
„Секој фудбалски натпревар е тежок, нема воопшто лесни противници. Се лажат некои ако мислат дека е лесен натпревар и против Летонија, Фарски острови или било која екипа. Но, јас сакам предизвикувачки натпревари. Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први“ – истакна Димитриевски на прес-конференцијата во Ереван, притоа дополнувајќи:
„Ние имаме наши репрезентативците кои играле во лигата на Ерменија меѓу кои и голманот Дамјан Шишковски кој претходно настапуваше тука, со кои сме разговарале за националниот тим и за лигата, и имаме сосема доволно информации. Знаеме колку тешки натпревари имавме против Ерменците во минатото, знаеме дека секогаш е тешко кога се игра на нивниот стадион, но подготвени сме за се што не чека“.
Столе беше блиску до погодок на дуелот со Летонија. Вели дека би бил среќен ако постигне гол во кариерата, но најважено е за него да ја зачува мрежата.
„Да видов дека неодамна голманот на Ерменија, Чанчаревиќ прими гол од противнички голман. Јас бев блиску до погодок против Летонија, но да бидам искрен мојата топка беше наменета за нашите напаѓачи. Да, секако би сакал во кариерата да постигнал гол за што би бил среќен, но во Рига бев далеку посреќен и позадоволен што ја зачував својата мрежа, а голови има кој да постигнува. Сега посакувам да остане мојата мрежа нечепната и на утрешниот натпревар со Ерменија“ – истакна Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА