Пелистер триумфираше со 68-67 над екипата на МЗТ Скопје во големото дерби на второто коло од домашното првенство, резултат со кој битолчани се реваншираа за поразот во Супер-купот на Македонија од истиот ривал. Дербито донесе неизвесност и одлична кошарка, се решаваше буквално во последните секунди, а херој на битолчани беше Американецот Антоан постигнувајќи ги победничките поени на четири секунди до крајот.
МЗТ одлично го отвори мечот и за нецела минута поведе со 0-5 со тројката на Дамјан Стојановски. Пелистер првите поени ги постигна дури во четвртата минута преку Бојиќ, намалувајќи на 2-7. Нападот на битолчани беше далеку под посакуваното ниво, а шампионот го искористи тоа за да го контролира резултатот, па Петровиќ беше принуден да побара тајмаут при водство на гостите од 6-12. Советите вродија со плод, проработе и шутот од далечина на Пелистер, па со втората тројка на Костоски (една погоди и Бојиќ) домаќините за првпат поведоа на овој натпревар. МЗТ благодарение на Крстевски нешто подобро ја заврши четвртината и по десет минути игра резултатот гласеше 19-21.
Втората четвртина почна со шутерско шоу на Лука Стојановски, кој набрзина погоди две тројки и донесе предност на Пелистер од 27-24. Домаќините имаа и 29-24, резултат при кој не искористија три слободни фрлања, по што МЗТ благодарение на Баковиќ (блокада на едната, поени по офанзивен скок на другата страна) намали на 29-28. Пелистер го контролираше резултатот, во последните две минути влезе со предност од 37-34, гостите не постигнаа ниту поен до крајот на полувремето и на одмор се замина со водство на „зелено-белите“од 39-34.
Пелистер повторно се мачеше во нападот на стартот на полувремето, Војдан Стојановски блесна со пет поени во низа и МЗТ поведе со 39-41. Пелистерци имаа одговор, набрзина направија серија од 7-0 и поведоа со 46-41. Костоски неколку минути подоцна погоди тројка за 49-44, но Андоновски по влегувањето во игра искористи шанса по еден офанзивен скок и израмни на 49-49 во 38. минута од дербито.
Во последните десет минути се влезе со водство на Пелистер од 55-54, но МЗТ беше подобар, поведе со 59-63 и го натера Александар Петровиќ да побара нов тајмаут. Веднаш следеа брзи четири поени на Пелистер, а потоа и неколку минути со добра одбрана на двете страни, па на 4:05 минути до крајот резултатот гласеше 63-63. Атанасов побара минута одмор при водство на неговиот тим од минимални 63-64, а во последните 90 секунди се влезе со израмнети 65-65, откако Антоан погоди две, а Копривица едно слободно фрлање на спротивната страна. Следеше едно погодено од двете слободни фрлања за Мишковиќ, за минимално водство на Пелистер и последен тајмаут за Атанасов, на 61 секунда до крајот.
Двата тима имаа по една загубена топка во последната минута, а по прекршокот на Стајиќ над Слај, американскиот плејмејкер го врати МЗТ во водство од 66-67 на девет секунди до крајот. Петровиќ го побара последниот тајмаут, Антоан тргна еден на еден против Војдан Стојановски и реализираше со положување за 68-67. Следеше тајмаут на Атанасов на четири секунди до крајот, Слај шутна од врвот на рекетот, но не погоди, за огромна радост на битолчани и реванш за поразот во Супер-купот на стартот од сезонава.
Херојот Антоан беше најефикасен кај Пелистер со 16 поени, 13 постигна Костоски, а 10 Бојиќ. Најдобри поединци кај МЗТ во денешниот пораз беа Слај со 13 и Крстевски и Копривица со по 11 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА