Ламин Јамал се наметнува како нов лидер на шпанската репрезентација, но младата суперѕвезда на Барселона најверојатно ќе го пропушти наредниот дуел со Србија по серијата на прекршоци што ги претрпе на синоќешниот натпревар со Данска.
Јамал беше главна мета на противничките дефанзивци, неколку пати мораше да му биде укажана лекарска помош, за селекторот Де ла Фуенте конечно да го замени во 93. минута.
Видеото од подтрибинискиот простор, во кое јасно се гледа дека Јамал се движи со потешкотии го крена нивото на аларм во шпанскиот национален тим, но и во редовите на Барселона. Деталните прегледи ќе покажат дали станува збор за проблем со мускулот, удар или преоптовареност, но без разлика која од овие три варијанти ќе се покаже точна – пораката од Барса е јасна, Ламин да одмори и да не игра на наредниот меч со Србија.
Каталонците стравуваат дека може да се повтори сценариото со Гави, кој ланското лето имаше згуснат календар, а потоа при настап за Шпанија заработи кошмарна повреда поради која 11 месеци е надвор од терените. Јамал е бисер што треба да се негува со внимание, па Барса со право бара таков третман, но последниот збор сепак ќе го има селекторот Де ла Фуенте.
❗️ Lamine Yamal, con dificultades para subir los escalones al salir de la zona de vestuarios
📹 @gerebit0 pic.twitter.com/d0SkpMx6mH
— Mundo Deportivo (@mundodeportivo) October 13, 2024
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА