Ламин Јамал денеска ќе се врати назад во Барселона, откако лекарскиот тим на шпанската репрезентација и селекторот Луис де ла Фуенте заеднички одлучија новата фудбалска суперѕвезда да не настапи на следниот дуел против Србија.
Јамал беше заменет во самиот финиш од синоќешниот меч со Данска, по што се појави и видео како тој со потешкотии се движи при напуштањето на стадионот. Денеска врз крилниот офанзивец биле извршени детални прегледи кои не покажале повреда, туку преоптовареност на мускулите. Во една таква ситуација, ризикот од повреда во случај на нов настап бил преголем, па Шпанците решиле на Србија да се спротивстават без својот клучен играч.
Тој во текот на денешниот ден ќе се врати назад во каталонската престолнина, во следните неколку дена нема да тренира, по што Ханси Флик ќе реши дали да го користи Јамал за дуелот со Севилја, или да го чува за наредните супер-важни средби ан каталонскиот гигант, пресметката со Баерн Минхен на 23 октомври по која ќе следи и првото Ел Класико сезонава, во Мадрид против Реал закажано за 26 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА