Чонси Билапс и Винс Картер се најзвучни имиња во годинашната класа која влезе во кошаркарската Куќа на славните во Спрингфилд. Актуелниот тренер на Портланд Трејл Блејзерс, Билапс помина 17 сезони како играч во најсилната светска кошаркарска лига,бранејќи ги боите на Детроит Пистонс, Денвер Нагетс, Минесота Тимбервулвс, Бостон Селтикс, Лос Анџелес Клиперс, Торонто Репторс и Њујорк Никс, а најголемиот успех во кариерата го постигна во 2004 година кога со Пистонс ја освои шампионската титула и беше најкорисен играч на финалето. Пет пати беше „ол-стар“, а вкупно на 1043 натпревари имаше просек од 15,2 поени, 5,4 асистенции и 2,9 скока. Билапс играше за Пистонс осум сезони и токму во тој дрес обезбеди влез во Куќата на славните.
Со 22 сезони поминати во НБА, Картер е еден од играчите со најдолг стаж во историјата на лигата, а беше познат по своите атрактивни потези, особено забивањата. Со 25.728 поени моментално се наоѓа на 24. место на вечната листа. Кариерата ја започна во дресот на Торонто Репторс и беше прогласен за најдобар дебитант во сезоната 1997/98. и го „заработи“ прекарот Ер Канада. Подоцна играше за уште седум клубови, а кариерата ја заврши со просек од 16,7 поени, 4,3 скока и 3,1 асистенции на 1.541 натпревар.
68-годишниот Мајкл Купер, член на „Шоутајм“ Лејкерс од 80. со кои освои пет шампионски титули во НБА во сезоната 1986/87, стана нов член на Куќата на славните. Ја освои титулата најдобар одбранбен играч во лигата. Валтер Дејвис кој беше најдобриот „дебитант“ во сезоната 1977/78, беше примен во Куќата на славните, а исто така и 88-годишниот Дик Барнет, член на шампионските тимови на Њујорк Никс во 1970 и 1973 година.
Бо Рајан, Чарлс Смит и Харли Редин влегоа во „Куќата на славните како тренери“, а Даг Колинс, Херб Сајмон и Џери Вест како почесни членови. Легендарниот Џери Вест, кој почина во јуни оваа година на 86-годишна возраст, на тој начин стана првиот човек кој три пати влезе во „Куќата на славните“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА