Ракометарите на Вардар претрпеа убедлив пораз од 34-18 во рамките од второто коло од ЕХФ Европската лига, откако „црвено-црните“ вечерва настрадаа во Германија на гостувањето против Мелсунген предводен од Роберто Парондо. Мелсунген е апсолутен фаворит за првото место во групата, „вардарци“ допатуваа како аутсајдери, но сепак не очекуваа да бидат така целосно надиграни и да се вратат дома со 16 гола негатива.
Од самиот почеток стана јасно дека Вардар ќе се мачи, одбраната на противникот делуваше моќно и Германците експресно се одлепија на 5-1. Вардар постигна два гола за 5-3, но Мелсунген повторно влезе во ритам, зголемувајќи ја позитивата на пет гола (10-5). Најдобриот период на „црвено-црните“ беше до 25. минута, кога преку Николиќ и Петриќ дојдоа на само два погодоци негатива (11-9). Тогаш за Мелсунген се разбуди Кристопанс со два брзи погодоци, домаќините ја вратија самодовербата во нападот и на одмор заминаа со предност од 17-10.
Второто полувреме почна со брза серија на домашниот состав од четири гола, Мелсунген експресно стигна до 21-10, по што избраниците на Парондо не само што ја задржаа преубедливата предност, туку и стигнаа до преубедливи „плус 16“ на крајот.
Одличниот голман Моравски со 17 интервенции беше најдобар поединец во победничкиот тим, додека најефикасни кај Вардар беа Крсманиќ со 4 и Маргели и Лазаревски со по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА