Нема шега со Црвена Звезда, го патосираше Фенер сред Истанбул

Црвена Звезда е најпријатното изненадување на стартот од новата евролигашка сезона откако шампионот на АБА во третото коло ја забележа и третата победа. По Париз и Басконија, пред избраниците на Сферопулос капитулираше и тимот на Фенербахче, кој на домашен терен во Истанбул беше „патосиран“ од српскиот тим со убедливи 57-76. Избраниците на Јасикевичиус во првите две рунди славеа над Олимпијакос и Ефес, но денеска немаа одговор за одличната одбрана на „црвено-белите“.

Уште од самиот почеток стана јасно дека гостите ќе доминираат на овој натпревар, откако Јасикевичиус немоќно гледаше додека неговиот тим губеше со 12-26 по првите 10 минути игра. „Црвено-белите“ стигнаа и до 12-31 преку Недовиќ, но Фенер се врати и до крајот на полувремето успеа да намали на едноцифрена разлика (31-38). Разликата беше спуштена на само четири поени (41-45) во третиот период, но потоа следеше нова извонредна серија на шампионот на АБА-лигата, кој на крајот славеше со конечни 57-76.

Боломбој делуваше моќно со 18 поени и 11 скокови, Недовиќ постигна 17, а Даум 14 поени за победничкиот тим, додека единствена светла точка кај Фенер беше Хејс Дејвис со 20 поени и осум скокови.

Се вчитува...