Катастрофална статистика: Бројките говорат се за падот на Левандовски кога игра за Полска

Роберт Левандовски блеска во дресот на Барселона потсетувајќи на своите најдобри денови од Баерн Минхен, но ситуацијата е сосема спротивна кога станува збор за настапите за полската репрезентација.

Таму големиот ас се наоѓа во сериозна криза, што кулминираше со негова критика кон селекторот и соиграчите по дуелот со Португалија, за Левандовски да биде „награден“ со преселба на клупата за резерви на почетокот од синоќешниот натпревар со Хрватска.

Бројките на суперѕвездата на Барса се навистина поразителни, тој има постигнато само два гола за Полска во оваа 2024 година, и тоа двата од пенал (со Франција на ЕВРО 2024 и со Шкотска во Лигата на Нации). Левандовски последниот гол од игра во репрезентативниот дрес го има постигнато пред речиси цела година, на 21 ноември 2023 на пријателскиот дуел со Летонија, кога стрелаше прецзно со глава по центаршутот на Жалевски. Оттогаш се минато 330 дена во кои голгетерот има настапено на 10 средби, на теренот минал 685 минути, но не успеал од игра да ги матира противничките голмани.

Дека кризата е сериозна најдобро говори фактот дека на последните три дуели (два со Хрватска, еден со Португалија), фантастичниот стрелец не успеал ниту да упати шут во рамките на противничкиот гол, камоли да ја затресе нивната мрежа.

Едно е јасно, за Полска повторно да заличи на сериозна репрезентација неопходно е оваа криза да биде надмината. Но, со оглед на конфликтот со селекторот и слабата форма на самата национална селекција, тешко е да се очекува проблемот да биде надминат во блиска иднина.

Се вчитува...