Тухел бил дури трета опција: Англичаните добиле „корпа“ и од Карло Анчелоти

Англичаните вчера и официјално го именуваа Томас Тухел за нов селектор, ставајќи крај на сагата што траеше неколку месеци, а во меѓувреме како привремена опција беше ангажиран Ли Карсли.

Именувањето на Германецот предизвика бурни реакции во јавноста, челниците на ФА стојат зад својот избор тврдејќи дека ја донеле најдобрата можна опција, но последните информации велат дека Тухел всушност бил трет на листата со желби на Фудбалската Асоцијација.

Прворагиран беше Пеп Гвардиола, но каталонскиот стручњак не сакал уште сега да донесе конечна одлука околу иднината, дали на крајот од сезоната (кога му истекува договорот) ќе си замине од Манчестер Сити или ќе потпише нов договор и ќе остане во овој клуб. ФА чекала одговор, давајќи му на Пеп рок дури до крајот на годинава, но кога станало јасно дека тој нема наскоро да продолжи директорите се свртеле кон останатите опции на пазарот.

Втора желба на Англичаните бил Карло Анчелоти, врвниот стратег кој има договор со Реал Мадрид до јуни 2025 година и многу извесно е дека летово ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“. Англичаните биле подготвени да го задржат Карсли до јуни 2025 и потоа да го доведат Анчелоти. Сепак, Италијанецот експресно ја одбил оваа понуда, по што челниците на ФА ги интензивирале преговорите со Тухел, со кого вчера и официјално беше потпишан договор на 18 месеци, од 1 јануари 2025 до 31 јули 2026 година.

Се вчитува...