Лука Дончиќ ќе биде „фит“ за стартот на новата сезона во НБА-лигата, откако словенечкиот кошаркар ги надмина проблемите со повредата на мускулот на левата нога, поради што ги пропушти првите три средби од пред-сезоната на Далас мавердикс.
Далас в петок навечер ќе го игра четвртиот и последен меч од пред-сезоната, Дончиќ речиси сигурно и овој дуел ќе го проследи „во цивилка“ како и претходните три на својот тим. Сепак, добра вест е што Лука веќе се приклучил на тимските тренинзи, ставајќи му се на располагање на тренерот Џејсон Кид.
„По ланската сезона, јасно ни е дека станува збор за маратон, а не за спринт. Најважно е сите да бидат здрави за стартот на сезоната, тоа е нашиот приоритет“, изјави Кид, не криејќи дека не е загрижен поради трите порази во низа во подготвителниот период.
„Лука тренираше со нас и делуваше дека се чувствува навистина добро. Сепак, не би сакал да ризикувам со него в петок против Милвоки, најважно ни е тој да биде здрав за официјалниот почеток на сезоната“, прокоментира Кид.
Далас ја почнува сезоната со дуел против Сан Антонио закажан за 25 октомври, на кој актуелниот вицешампион се надева дека ќе ги има на располагање Дончиќ, Ирвинг и новото засилување Клеј Томпсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА