Пауло Фонсека ризикува повторно да го навлече врз себе бесот на навивачите на Милан откако беше обелоденето дека стратегот на „росонерите“ планира да го остави на клупата Рафаел Леао.
Португалскиот крилен офанзивец има само еден гол и четири асистенции досега во Серија А и во Лигата на Шампионите, Фонсека не крие дека очекува повеќе од сонародникот, но во ситуација кога тимот игра крајно променливо се очекуваше тој да смета на сите адути за утрешниот дуел со Удинезе.
Соочен со притисок по последниот пораз од Фиорентина, Фонсека е решен утре да стартува без Леао, на чие место шанса ќе добие Ноа Окафор. Во тимот ќего нема ниту Тео Хернандез кој доби црвен картон по завршувањето на мечот во Фиренца, а „росонерите“ ќе стартуваат и без Абрахам, па во врвот на нападот повторно ќе биде Алваро Мората.
Ризикот од конфликтот со Леао може сериозно да му наштети на Фонсека, па во случај на нов „кикс“ против Удинезе, не е исклучена можноста Милан во текот на следната седмица да се реши за тренерска смена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА