Гостувањата во Истанбул се кобни за Олимпијакос на стартот од оваа сезона, откако „црвено-белите“ во првото коло загубија од Фенербахче, а вечерва беа поразени и на дуелот со Анадолу Ефес (91-89). Барцокас има за што да жали ако се знае дека неговиот тим одигра беспрекорна прва четвртина во која неговиот тим водеше со 11-23, за во вториот период Ефес предводен од фантастичниот Шејн Ларкин целосно да се врати во натпреварот.
Се играше израмнето до самиот крај, а Фурние беше трагичарот на Олимпијакос, францускиот репрезентативец загуби две топки во последната минута, а потоа и ја промаши тројката со која можеше да донесе израмнување на десет секунди до крајот. Ларкин беше фантастичен постигнувајќи 24 поени у 4 асистенции, а во последната минута неколку клучни реализации за Ефес имаше и Брајант, кој реализираше вкупно 11 поени и 6 асистенции. Кај Олимпијакос во главна улога беше Везенков со 16 поени, а трагичарот Фурние го заврши мечот со 20 поени, но го расипа впечатокот со серијата грешки во завршницата.
Монако ја оправда фаворитската улога на домашен терен против Виртус Болоња, декласирајќи ги гостите од Италија со убедливи 101-85. Виртус имаше „плус 11“ во втората четвртина, Монако успеа да се врати до крајот на полувремето, а потоа во преостанатите 20 минути избраниците на Саша Обрадовиќ го демолираа противникот со 55-38. Мајк Џејмс одигра беспрекорен меч реализирајќи 19 поени, пет асистенции и две украдени топки, а одличен беше и Окобо со 20 поени и 6 асистенции, додека најефикасен кај Виртус Болоња беше Шенгелија со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА