Спортот е за сите!…Министерот Ристовски го отвори Меѓународниот турнир за лица со Даунов синдром и попреченост (ФОТО)

Спортот е алатка која гради вистински вредностите на почитување, инклузивност и заедништво, порача Министерот за спорт, Борко Ристовски на отворањето на Меѓународниот турнир во фудбал и пливање за лица со Даунов синдром и лесна попреченост што се одржува во Скопје.

На турнирот што го организира Сојузот на спортски федерации на Македонија во соработка со Министерството за спорт настапуваат 45 учесници од неколку екипи од Македонија, Србија и од Бугарија.

„Овој настан не е само спортска манифестација, туку вистинско сведоштво за силата и за упорноста без разлика на предизвиците со кои се соочуваме. Како министер за спорт, сакам да истакнам дека Министерството за спорт со гордост стои зад овој настан. Нашата поддршка не е само финансиска, туку и длабоко морална и општествена. Веруваме дека сите луѓе, заслужуваат еднакви можности за учество во спортот“ – рече Ристовски.

Поздравувајќи ги учесниците на турнирот тој истакна дека Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи.

„Секој од вас тука е победник, зашто вашето учество на овој турнир е победа за вас, за вашите семејства, и за нашето општество во борбата и заложбата за еднаквост и инклузивност. Ќе продолжиме да поддржуваме вакви иницијативи, затоа што веруваме во вас, веруваме во вашите способности и во вашата волја“ – рече Ристовски во обраќањето до учесниците и организаторите на турнирот.

Во рамките на денешните активности, министерот за спорт Борко Ристовски присуствува и на Отворениот ден на Специјална Олимпијада Македонија, настан на кој исто така изрази поддршка и ја нагласи важноста на спортот во градењето на инклузивно општество. Министерот за спорт денеска ќе ги поздрави и младите ватерполисти учесници на Меѓународниот ватерполо турнир „Скопје 2024“ што се одржува на базенот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...