Кошаркарите на Пелистер останаа со стопроцентен ефект во Првата лига откако на домашен терен славеа над Куманово со резултат 88-74. „Пелистерци“ на крајот ја оправдаа фаворитската улога, откако три четвртини се мачеа да го скршат отпорот на кумановци, за на крај да успеат во тоа со фуриозните последни 10 минути.
Првата четвртина мина во апсолутна доминација на Урош Луковиќ, искусниот центар беше неприкосновен под обрачите и веќе во првите пет минути постигна 11 поени. Тој беше главната причина поради која Пелистер немаше одговор во рекетот (само 4 скока на домаќините во првата четвртина, наспроти 10 на Куманово), помагајќи му на својот тим да дојде и до двоцифрена предност (17-27). Лука Стојановски влезе и за нецела минута погоди две тројки, враќајќи го Пелистер во ритам и преполовувајќи ја негативата до крајот на четвртината(25-30).
Во првиот дел од втората четвртина се играше израмнето, а потоа страстите за неколку минути зовреа поради судиските одлуки, па технички грешки добија Марин Докузовски и Бобан Стајиќ. Завршницата од полувремето мина во знакот на Александар Костоски кој донесе пресврт, а по неговата асистенција до Едвардс домаќините заминаа на одмор со предност од 50-47. Во третата четвртина Пелистер неколку пати стигнуваше до „плус шест“, но кумановци покажаа карактер, успевајќи да се вратат и да не дозволат вицешампионот резултатски да се одлепи, па дури и да го свртат резултатот во своја полза (61-64). Лука Стојановски повторно погоди две тројки во серија за „зелено-белите“ и го врати Пелистер во водство, истиот кошаркар на нецела минута до крајот на четвртината погоди уште еден удар од далечина, па домаќините влегоа во последниот период со предност од 71-66.
Битолчани експресно поведоа со 76-66 по нецела минута во последната четвртина, Докузовски зеде тајмаут, но Пелистер продолжи да го контролира резултатот. Домаќините не искористија неколку напади при 84-69, но Куманово веќе не делуваше така сигурно во нападот, гостите се мачеа да го најдат патот до обрачот, па Пелистер на крајот го доби овој натпревар со 88-74.
Лука Стојановски ја има улогата на херој со пет погодени тројки за вкупно 15 поени, Едвардс имаше дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови, додека Мишковиќ го заврши мечот со 18 поени. Кај Куманово најдобри поединци беа Луковиќ со 19 поени и 12 скокови и Радукиќ со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА