Македонскиот ракометен претставник во Лига Европа, Вардар го очекува тежок и многу важен натпревар во 3. коло од шампионатот. Во Скопје во вторник со почеток од 20 часот и 45 минути гостува Порто во средба која можеби ќе биде пресудна за пласман во следната фаза.
Тоа добро го знае и тренерот на вардарци, Владо Недановски кој на денешната преконференција ја најави средбата со португалскиот гигант.
„Што се однесува до мечот со Порто знаеме колку е важен, доколку сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло имавме добро издание пред домашна публика, а потоа во Мелсунген не беше како што посакувавме и загубивме убедливо. Тоа е веќе минато, размислуваме за дуелот со Порто, анализираме и тренираме за средбата.
Тие се квалитетен тим кој десет години игра во Европа и Лигата на шампионите, а оваа година и во Лигата на Европа. Добро се покриени на сите позиции со квалитетни играчи. Свесни сме и зрели колку овој натпревар значи за Вардар. Нема штедење и размислување, една и единствена опција е победата. Предноста на Порто е тоа што играчите им се искусни во Европа, што не е случај во нашата екипа. Мора да сфатиме дека освен три-четири играчи во овој Вардар останатите се млади и играат првпат во Европа.
Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет. Денес ќе доработиме на тренинг како може да се подготвиме за добар резултат“, изјави Недановски.
Вардар за средбата против Порто ќе биде и дополнително ослабен поради повреди на клучни ракометари. Покрај Хориха и Пинто, неизвесни се и Јагуриновски и Борозан кој бил нападнат од улични кучиња и завршил со 14-15 конци во одбрана на своите деца.
„Од претходно се повредени Хориха и Пинто. Јагуриновски исто така не беше во полн тренажен процес и останува да видиме до натпреварот дали ќе биде подготвен. Повеќе ќе знаеме по денешниот тренинг“, додаде тренерот на „црно-црвените“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА