„Бутел 3×3“ се враќаат мотивирани од Њујорк, спремни за следниот предизвик

Светското финале на Red Bull Half Court, најголемиот турнир во 3х3 баскет, се одржа во неделата по незаборавен викенд во култниот Brooklyn Bridge Park, каде настапуваше и нашиот национален победник Butel 3×3 заедно со најдобрите улични кошаркари од целиот свет. Титулата во машката конкуренција и припадна на Србија, а во женската на Јапонија.

Од 19 до 20 октомври, во епицентарот на уличната кошарка, се натпреваруваа 15 машки и 10 женски екипи од 16 земји во светот покажувајќи ги своите вештини и тимски дух на теренот.

Нашиот национален победник Butel 3×3, во последен момент остана без еден играч и беше единствениот тим на Светското Red Bull Half Court финале со само тројца играчи.

И покрај околностите, Butel 3×3 успеа да доминира во групната фаза и да го обезбеди првото место во нивната група, каде што прво го совлада тимот на Филипини со убедлива победа од 15:06, а потоа издвои уште една победа против Австралија со резултат 14:11, пласирајќи се во четвртфинале.

Во четвртфиналето, Македонија се соочи со екипата на Србија, шампион на Red Bull Half Court две години по ред. Иако Butel 3×3 не успеаа да се пласираат понатаму, тие воодушевија со својата спремност и борбен дух, постигнувајќи резултати кои ги инспирираа и публиката и противниците.

“Одлична организација! Со две победи во нашата група, стасавме до четвртфинале како првопласирани. Иако бевме потценувани дека сме само тројца, докажавме дека македонското срце не се потценува! Беше чест и задоволство да се биде дел од Red Bull Half Court и да се претставува Македонија на светско ниво.” изјави Константин Мартиноски, капитенот на Butel 3×3.

Навивачите и љубителите на уличната кошарка беа сведоци на фантастични натпревари и брза игра, уживајќи во спортскиот спектакл под њујоршкото небо.

По победата на Светското финале во 2023 година на домашен терен, Србија ја одбрани титулата во драматично финале против САД со победа од 14:11. Јапонките беа светски шампиони во 2022 година, а до трофејот стигнаа и годинава благодарение на триумфот над екипата од Филипини, со краен резултат од 11:8.

На овогодинешното натпреварување учествуваа најдобрите улични кошаркари од Австралија, Македонија, Белгија, Египет, Италија, Јапонија, Казахстан, Кувајт, Малдиви и Маурициус, Молдавија, Филипини, Србија, ОAE, Украина и САД. Секој тим обезбеди место во Светското финале по националните квалификации во кои учествуваа повеќе од 6.500 играчи ширум светот.

Се вчитува...