Алкалоид останува перфектен и по осмото суперлигашко коло откако тимот од Автокоманда на домашен терен го растури актуелниот шампион Е. Пелистер со преубедливи 32-25. „Сино-белите“ дефинитивно почнаа да им набиваат комплекс на „пелистерци“, откако го совладаа овој ривал во финалето од Купот на Македонија, потоа во Супер-купот на Македонија во Гевгелија, за вечерва избраниците на Кире Лазаров да покажат целосна надмоќ во однос на битолчани, кои заслужено со наведнати глави го напуштија теренот.
Почетокот на дербито мина во знакот на тимот предводен од Кире Лазаров, кој почна фуриозно и по шест минути игра поведе со 4-1. Радивојевиќ постигна два гола во низа и го врати Е. Пелистер во ритам, а битолчани до средина од полувремето успеаја и целосно да се вратат и да израмнат на 6-6. Атанасијевиќ одигра значајна улога во овој период, со гол и изнуден пенал и исклучување кога гостите имаа играч помалку на теренот, но Алкалоид набрзо најде одговор за нападите на шампионот, заигра цврсто во одбраната и со лесни голови на спротивната страна „сино-белите“повторно се одлепија. Извонреден во овој дел од мечот беше Бинго со неколку мајсторски голови од крило, прецизен од спротивната страна беше и Костески, па Алкалоид заслужено замина на одмор со убедливи 16-12, откако Пелистер намали со пеналот на Филип Кузмановски во последните секунди од полувремето.
Второто полувреме почна со изнуден пенал за Атанасијевќ и исклучување на Карасманакис. Алкалоид сепак го издржа периодот со играч помалку, на спротивната страна исклучен беше и Филип Кузмановски, па во 35. минута резултатот гласеше 19-14. Молк завладеа во салата „Автокоманда“ откако Никола Костески заработи тешка повреда и мораше на носилки да биде изнесен од салата, но Алкалоид не дозволи овој голем удар да влијае врз настапот на „Сино-белите“. Стојковиќ погоди од пивот за прво водство од „плус шест“ (23-17), Ангеловски побара тајмаут, но фуријата на Алкалоид продолжи и Георгиев реализираше за 24-17 во 43. минута од натпреварот.
Алкалоид имаше дури пет исклучувања во првите 17 минути од второто полувреме, но Пелистер не можеше да ја искористи таа предност, па домаќините рутински ја одржуваа позитивата меѓу пет и шест гола (27-21, 49. минута). Битолчани беа во нокдаун, Велковски погоди за „плус седум“ за Алкалоид, па Ангеловски при 29-22 го зеде и последниот тајмаут на натпреварот. Домаќинот имаше најубедливи 30-22, а потоа во финишот дојде до пад на концентрацијата кај младиот тим, разликата падна на пет, но по тајмаутот на Лазаров домашниот состав се врати во ритам и триумфираше со убедливи 32-25.
Мартин Серафимов со осум гола беше предводник на Алкалоид, шест постигна Бинго, а пет погодоци до повредата реализираше Никола Костески, додека Кизиќ повторно бранеше одлично против својот поранешен клуб. Кај Е. Пелистер единствен расположен за игра беше Филип Кузмановски со 12 погодоци, недоволно за да се избегне пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА