Мбапе на чекор да „лапне“ 55 милиони евра од ПСЖ

Килијан Мбапе наскоро ќе ја зголеми банкарската сметка за 55 милиони евра, објавува „Л’Екип“. Напаѓачот на француската репрезентација и Реал Мадрид имаше толку побарувања од својот поранешен клуб Пари Сен Жермен во спор што го решава судот. Францускиот спортски дневник наведува дека Мбапе е пред победа.

ПСЖ инсистираше на тоа дека нема долг кон Мбапе бидејќи тој наводно рекол дека нема да го напушти клубот, дека ПСЖ нема да има корист од тоа и дека дел од договорената плата ќе остави во клупската каса. Тој летово го напушти Париз како слободен играч и бесплатно замина во Реал. Страната на Мбапе тврди дека немало вербален договор и затоа испратиле писмено предупредување до Парижаните, заканувајќи се со правна постапка.

Претходно се пишуваше дека Мбапе не ја добил платата за април, мај и јуни и дел од бонусот од 80 милиони евра, кој му бил ветен за потпишување на продолжувањето на договорот и дека бара 55 милиони евра. Адвокатскиот тим на Мбапе за ова ги известил УЕФА, Француската фудбалска федерација и раководството на лигата. 

Пред Комисијата на Француската професионална фудбалска лига (LFP), Мбапе презентираше докази во текот на неделата кои беа прифатени. ПСЖ има право на жалба до повисоки инстанци и се очекува да го искористи ова право. 

Се вчитува...