Слај го предводеше МЗТ Скопје до триумф над Куманово

МЗТ Скопје влезе во победничка низа во Првата македонската кошаркарска лига откако во 4. коло во првиот домашен натпревар во сезоната славеше над новајлијата во првенството, Куманово со 78-71 на крилја на Американецот Слај кој постигна шест тројки од седум обиди.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на аеродромци кои поведоа со 11-4, но како што одминуваа минутите во првата четвртина во ритам влезе Куманово кој не само што брзо ја анулираше негативата, туку и со тројката на Радукиќ со звукот на сирената поведе со 19-20. Изедначената игра продолжи и во поголемиот дел од првото полувреме, а серијата од 8-0 им донесе на домаќините предност од пет поени (35-30), предност кој беше задржана до полувремето (40-36).

МЗТ Скопје го задржа ритамот во второто полувреме, ја контролираше играта во текот на третата четвртина па влезе во последните десет минути со преднсот од 67-58. Првата двоцифрена предност избраниците на Атанасов ја забележаа во 32. минута, а истата беше доволна за трет триумф во сезоната.

Слај со 27 поени беше лидер на МЗТ Скопје, додека 22 поени за Куманово постигна Радукиќ.

Се вчитува...