Фешта во Фиренца, Јуриќ нема да го преживее ова фијаско на Рома

Фиорентина скокна на четвртото место на калчолигашката табела откако „виолетовите“ вечерва го демолираа составот на Рома со убедливи 5-1. Клупата на Јуриќ во римскиот клуб се тресеше и пред овој меч, а по вечерашното фијаско во Фиренца е практично невозможно „волчицата“ да го задржи Хрватот на кормилото, па за очекување е во следните 24 часа тој да добие отказ, а на негово место да се врати Даниеле де Роси.

Вечерашното гол-шоу во Фиренца го почна Моисе Кеан, кој мајсторски погоди во 9. минута потврдувајќи дека се наоѓа во одлична форма откако летово од Јувентус потпиша за Фиорентина. „Виолетовите“ зголемија на 2-0 со пеналот на Белтран, Рома за момент намали преку Коне, но домаќините сепак заминаа на одмор со два гола предност откако Кеан го постигна својот втор гол на мечот, на асистенција на Бове.

Вториот дел почна со гол на Бове во 52. минута, а хаосот за Рома продолжи по црвениот картон на Хермосо во 65. минута. Две минути подоцна во игра за Рома конечно влезе ветеранот Матс Хумелс, но и тој не се прослави, во 71. минута постигнувајќи си автогол за 5-1.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...