Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов со својот Фехервар утре од 20 часот го очекува натпреварот против ДВТК во 1/16-финалето од Купот на Унгарија.
Серафимов, кој е незаменлив во одбраната на Фехервар, во разговор за унгарските медиуми не крие дека тимот имаше непосакувано негативна низа во шампионатот која е прекината со победа над Дебрецин, а сега се посакува пласман во осминафиналето од најмасовното клупско натпреварување во Унгарија.
„Игравме веќе со ДВТК оваа сезона и победивме, па може да кажеме дека добро го познаваме со противникот и знаеме што не очекува. Но, мое мислење е дека натпреварите во Купот се сосема поразлични од оние во лигата, се може да биде одлучено само со еден потег. Затоа мора да бидеме 100% фокусирани во текот на целиот натпревар и внимателни. Предност ќе ни биде домашниот терен и верувам дека ќе се избориме за осминафинале“ – истакнува Серафимов.
Фехервар во првенството навлезе во негативна низа од четири едноподруго порази, по што следеше триумфот над Дебрецин.
„Да, имавме тежок период зад нас кој навистина го погоди секој поединец во тимот, но работиме напорно, веруваме во себе, го променивме и системот па сега има сосема поинаков начин на игра. Таа промена донесе далеку подобра и поорганизирана игра на последните два натпревари, и веднаш дојде и победата над Дебрецин. Верувам дека таа победа ќе биде пресвртница за нас и сега и во Купот низ квалитетно издание ќе дојдеме до целта“ – дополнува македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА