По вчерашниот отказ за Ерик тен Хаг, Манчестер јунајтед веќе и дефинитивно го пронајде новиот предводник на тимот, во името на стратегот на Спортинг Лисабон, Рубен Аморим.
Потврда дека Аморим е желбата на „црвените ѓаволи“ вечерва и од редовите на Спортинг во официјално соопштение за португалските медиуми, кои информираат дека Јунајтед е подготвен да ја плати и откупната клаузула за Аморим согласно договорот меѓу клубот и тренерот во висина од 10 милиони евра.
„Манчестер јунајтед искажа интерес за ангажман на Рубен Аморим, при што Управниот одбор на Спортинг се повика на условите утврдени во договорот за вработување меѓу клубот и тренерот, особено соодветната клаузула за заминување, во износ од 10 милиони евра. Манчестер Јунајтед изрази интерес да му ја исплати вредноста од споменатата клаузула на Спортинг“ – се вели во соопштението од Спортинг.
Според последните информации, Манчестер јунајтед вечерва веќе испраќа делегација во Лисабон за да го потпишат договорот со Спортинг и со Рубен Аморим. Вечерашниот натпревар на Спортинг со Национал во Лига купот ќе биде последен натпревар на Аморим како тренер на португалскиот тим, по што заминува на Островот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА