Родри беше избран за добитник на „Златната топка“ за 2024 година, избор што наиде на осуда во таборот на Реал Мадрид, откако „кралевите“ одбија да присуствуваат на манифестацијата по дознавањето дека Винисиус нема да биде главен лауреат.
Шпанскиот репрезентативец имаше одлична сезона со Манчестер Сити, со „црвената фурија“ се закити со титулата на ЕВРО 2024, што беше доволно за Родри да собере најмногу гласови и да се искачи на највисокото место на пиедесталот.
Бојкотот на Реал дефинитивно го привлече вниманието на јавноста, но Родри во изјава за мадридскиот весник „Марка“ обелодени дека првата честитка ја добил токму од актуелен фудбалер на европскиот првак.
„Зборував со Дани Карвахал, мислам дека и тој ја заслужи оваа награда исто колку и јас. Всушност, првата честитка по завршувањето на гала-вечерата ја добив токму од Дани. Тој е фудбалер со кого сум многу близок, уште повеќе сега кога двајцата имаме тешки повреди. Многу ми се допаѓа, Карвахал е играч кој ги цени истите вредности како и јас“, откри Родри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

