Ти-Џеј Шортс и Париз ја нанижаа и третата евролигашка победа откако францускиот тим триумфираше на гостувањето против Алба со 83-92. По победите над Панатинаикос и Монако, кошаркарите на Париз повторно беа максимално расположени во нападот, па со идентичен рецепт стигнаа до посакуваниот резултат во Берлин.
Македонскиот репрезентативец повторно маестрално раководеше со нападите на својот тим, па така Шортс го заврши мечот со 11 поени и 9 асистенции, а најефикасен во таборот на Париз беше Хифи со 23 поени, но и неверојатни 19 шутнати тројки (7/19).
Барселона не го дава врвот на евролигашката табела откако каталонскиот гигант стигна до петтата победа во низа, овојпат на гостувањето во Истанбул против Ефес со резулат 88-97. Мечот требаше да биде неизвесен, но мина во целосна контрола на гостите од Каталонија кои долго време имаа двоцифрена предност, за на крајот да слават со „плус девет“. Кевин Пантер повторно беше клучен играч на Барса постигнувајќи 20 поени, а пријатно изненади младиот Мету, реализирајќи рекордни за него 21 поен. Ефес настапи без повредениот Шејн Ларкин, во чие отсуство најефикасен кај турскиот тим беше Дариус Томпсон со 16 постигнати поени.
Фенербахче и Макаби играа на неутрален терен во Каунас, дуел што турскиот гигант по голема битка го доби со 84-82. Макаби имаше двоцифрена предност во третата четвртина, но Фенер предводен од Биберовиќ успеа да направи пресврт во завршницата и да стигне до триумф од 94-82, откако Макаби промаши напад за израмнување со загубената топка на Јокубаитис. Хејс Дејвис беше најефикасен со 20 поени, 16 поени и 9 асистенции имаше Хол, додека Биберовиќ го заврши натпреварот со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА