Вардар загуби со убедливи 37-24 на гостувањето против Порто, исход со кој исчезнаа и последните шанси и желби на „црвено-црните“ дека ќе успеат да стигнат до нокаут фазата во Лигата на Европа на ЕХФ. „Вардарци“ пред седум дена во неизвесен дуел на домашен терен загубија од истиот ривал, но денеска во салата во Порто можеше да се проследи сосема поинаков меч во кој Португалците ги контролираа и темпото и резултатот, на крајот заслужено славејќи убедлив триумф од 37-24.
Во првиот меч по заминувањето на Недановски од клупата „вардарци“ парираа само десетина минути, кога по оние 6-5 за Порто следеа нови два гола за португалскиот тим по кои предноста од минута во минута само се зголемуваше. Голманот Еспиња немаше свој ден и го заврши мечот со само четири интервенции, нападот на Порто делуваше беспрекорно, Португалците на одмор заминаа со 17-10, а потоа продолжија да ја полнат мрежата на „црвено-црните“ и во вторите 30 минути.
Првата двоцифрена предност тимот на Порто ја имаше кога Валдес погоди за 25-15, по што „сино-белите“ до крајот уште повеќе ја зголемија позитивата до конечните „плус 13“.
Срдановиќ со шест гола беше најефикасен во редовите на Вардар, по три постигнаа Георгиевски и Крсманчиќ, а убедливо најдобар поединец на мечот беше домашниот ракометар Педро Веитиа Валдес со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА