Реал Мадрид се наоѓа во криза во шпанската Ла Лига, а убедливиот пораз од Барселона само го зголеми притисокот врз Карло Анчелоти. Иако постоеја најави дека трофејниот тренер ќе добие отказ, последните информации говорат дека Анчелоти дефинитивно ќе остане на клупата на Реал до крајот на сезонава, но исто така и дека нема да добие нов договор и на крајот на мај.
Флорентино Перез смета дека врвот под водство на Анчелоти е достигнат со бројните освоени трофеи и дека е дојдено време за нов лист во клупската историја, а претседателот на Реал го знае и идеалниот кандидат за наследник на Италијанецот.
Чаби Алонсо е апсолутен фаворит за нов тренер на Реал Мадрид почнувајќи од јули 2025 година, Флорентино сака да доведе шпански тренер на клупата, а фактот дека Алонсо е и поранешен играч на „кралевите“ само уште повеќе ја зацврстува одлуката на Перез да го ангажира сегашниот стратег на Баер Леверкузен. Чаби не ја крие желбата да се врати на „Бернабеу“, тој минатото лето одби бројни понуди за да остане во Баер, но договорот со германскиот клуб му истекува на крајот од сезонава, исто како и оној на Анчелоти со Реал.
Добро упатени извори тврдат дека веќе се водени разговори на кои е постигнат и начелен договор меѓу Алонсо и Флорентино Перез, но тоа нема да се обелодени до крајот на сезонава, од почит кон Анчелоти и кон раководството на Баер Леверкузен. Шпанскиот стручњак игра неверојатно атрактивен фудбал со Баер Леверкузен, па фановите на Реал со причина се возбудени од помислата како тоа ќе изгледа кога на располагање ќе има врвни офанзивни играчи како Мбапе, Родриго, Винисиус…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА