Милано повторно беше пред „колапс“, а потоа Димитријевиќ го разигра тимот!

Кошаркарите на Олимпија Милано беа на пат кон уште еден пораз во Евролигата, но успеа да се разигра на најдобар можен начин во последната четвртина и да дојде до триумф од 99-90 против Виртус Болоња во 7. коло. А, сето тоа благодарение и на македнскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој беше најдобар асистент, максимално разигрувајќи го тимот во последниот период.

А, Димитријевиќ, сосема изненадувачки, имаше само шест минути игра во првите три периоди од играта. Милано имаше водство по првото полувреме но потоа одигра очајна трета четвртина, и Виртус Болоња во последната четвртина влезе со предност од 66-67.

Пред крајот на третата четвртина, Еторе Месина, по 15 минути на клупа, се одлучи во игра да го врати македонскиот кошаркар кој беше еден од оние кои донесоа пресврт во играта на својот тим. Димитријевиќ, одигрувајќи ја комплетно последната четвртина, максимално ги разигра домашните со 10 асистенции на мечот што донесе пресврт и заслужена победа на крајот. Македонскиот репрезентативец, на крај заврши и со шест поени и два скока, за 22 минути игра.

Најдобар во победничкиот тим беше Никола Миротиќ со 21 поен и 13 скока а Ледеј заврши со 19 поени и четири скока. Шенгелија беше најефикасен кај Виртус со 23 поени.

Милано дојде до втората победа во Евролигата, избивајќи сега пред Виртус Болоња на табелата која остана со една победа, онаа против Партизан во Белград.

Се вчитува...