Фудбалско ‘воскресение’ на Охрид под палката на Гоце Толески – Шест меча, шест победи!

Фудбалерите на второлигашот Охрид Лихнидос на своите навивачи, но и на пошироката домашна фудбалска јавност, им приредија вистинско фудбалско изненадување, под палката на новиот тренер, поранешниот репрезентативец на Македонија, Гоце Толески. Во последните шест кола забележаа дури шест победи, од кои четири на гостински терен. Од дното, кога имаа само еден бод по одиграните први четири кола, сега со 19 бода се „цементираa“ во  златната средина на табелата.

Стартот во новото првенство, во единствената Втора лига на Македонија не ветуваше ништо добро иако беше  ангажиран  за тренер поранешниот селектор на македонската репрезентација, Никола Илиевски-Џиџи. Но тој не се снајде најдобро, во првите четири кола Охрид Лихнидос освои само еден од можни 12 бода. Загуби од Македонија со 2-0, Арсими 4-2 ,Башкими 1-0, единствено играше нерешено со Беласица 2-2.

Тренерот Толески ја препороди екипата

Гоце Толески

По овој дебакл, на кормилото повторно се врати тренерот Гоце Толески, кој е секогаш тука да помогне кога треба. Овојпат навистина требаше, да спасува што може да се спаси. Тој, како да имаше некое маѓепсно стапче во рацете и веќе на своето деби во гости, Охрид Лихнидос забележа победа со 1-0 против Вардар од Неготино. И тука започна победоносната серија на охридските фудбалери. Во гости беа совладани Победа со 1-0, Осогово со 2-0, Саса со 2-1, а во Охрид  Вардарски  со 3-1 и Новаци со 3-1. Навистина несекојдневна серија.

„Кога се вратив на клупата на Охрид Лихнидос, првата моја задача беше да ја вратам самодовербата кај фудбалерите, која беше видно разнишана по првите порази. Ги засиливме тренинзите, направив некои измени на местата во тимот и успесите дојдоа, што навистина ме радува. Верувам дека ќе продолжат бидејќи имаме подршка од целиот град. Немаме финансиски проблеми, играчите се на време исплатени што е многу важно, Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков е на секој наш натпревар, многу ни помага“ – ни изјави тренерот Гоце Толески.

Да потсетиме Толевски има богата фудбалска кариера, 16 настапи во дресот на репрезентацијата на Македонија, има играно за Тиквеш, Напредок, Работнички, Ренова, Охрид, за Славија Прага и Млада  Болеслав во Чешка.

Тие се заслужни за победите

По овие шест победи, фудбалерите на Охрид Лихнидос заслужуваат да ги објавиме нивните имиња. Во првиот состав играат: Матеј Андов, Мартин Ѓорѓиевски, Абнор Каба, Аљтим Лога, Давид Голубов, Оливер Дишлиески, Стефан Џајкоски, Филип Ѓоргоски, Самед Кадриовски, Наумче Бакрачески, Димитриј Попоски. Тука се уште и Диел Доко, Роберт Глобочки, Давид Карамачоски, Петар Петрески, Ерен Парталко, Филип Димоски, Ахмет Домазет, Стефан Коловски, Ангел Крстески и Сашо Дуков, секогаш да помогнат кога е потребно за време на натпреварот.

Можеби некој од нив ќе тргне по стапките на поранешните легенди на охридскиот фудбал: Кире Заров, Ламбе Арнаудов, Војче Спасовски, Шефкет Шаиновски, Данчо Целески, Драган Бочевски, Злате Силјановски, Џевдет Шаиновски, Гоце Толески….

М.Мицковиќ

Се вчитува...