Кошаркарите на Чаир приредија вистинска сензација откако вечерва на домашен терен во трилер меч славеа против актуелниот шампион МЗТ Скопје по продолженија со 95-94.
Натпреварот почна шутерски одлично и за двата тима, а по десет минути игра за нијанса подобри беа гостите од Аеродром кои по првиот период имаа минимална предност од 23-24. Во вториот период домашниот тим заигра многу подобро во фазата на одбрана. Чаирчани на актуелниот шампион му дозволија само шеснаесет поени во втората четвртина, па на пауза меѓу двете полувремиња заминаа со позитива од 44-40.
Во третиот период двете екипи одиграа многу тврдо, со силна игра во одбраната, но и со доста промашени шутеви. „Штрковите“ беа повторно за нијанса подобри исто како и во првиот период (17-18), па по 30 минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 61-58 за домаќинот.
Во последниот период МЗТ успеа да се врати егал, а во последната минута натпреварот влезе со резултат 77-77. Бојан Крстевски на поливина минута до крајот погоди тројка за водство на гостите од 77-80. По неколку прецизно изведени слободни фрлања на двете страни (81-82), МЗТ не успеа да ја изведе топката на време по што Чаир доби напад за победа. По еден влез Какруки доби две слободни фрлања од кои успешно реализираше едно за 82-82. МЗТ имаше шут од половина терен, но не успеа да го погоди, а натпреварот замина во продолженија.
Како и во регуларниот дел така и во продолженијата двете екипи играа кош за кош, а на минута до крајот домаќините влегоа со минимална предност од 93-92. Следуваше по еден неискористен напад на двете страни, а со двете успешно реализирани слободни на Брендон Слај, МЗТ на 20 секунди до крај влезе со позитива од 93-94. Неверојатниот Диванте Мофит кој играше симултанка во продолженијата, повторно беше сигурен носејќи водство од 95-94 за домаќинот на девет секунди до крај. Слај не успеа да го реализира последниот напад за гостите, по што следуваше голема радост во преполната сала „Шабан Трстена“ во Чаир.
Токму Диванте Мофит кој ги постигна клучните поени беше најдобар поединец во таборот на победникот со 31 поен, додека кај поразените Бојан Крстевски заврши со 21 поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА